Во Гевгелија за сите има место: Без забрана за навивачките групи на куп-завршницата

Најголемата дилема која изминативе денови беше актуелна во кошаркарските кругови, особено кај најзагреаните фанови на екипите учесници на завршницата од Купот на Македонија, беше разрешена на денешната прес-конференција на која беше кажано дека забрана ќе нема односно дека навивачките групи ќе бидат адекватно примени и сместени во салата во Гевгелија, секако со претходна најава.

Ова сигурно ќе ги израдува најверните на МЗТ Скопје и Работнички, чиј дуел е многу веројатен уште во полуфиналето. Лани во Кавадарци атмосферата во финалето беше феноменална, но најголем проблем сега е што во гевгелиската сала има само една трибина. Но, организаторот е решен да се справи и со овој проблем.

„Засега до нас како организатори не е стигнати ниту едно барање од организирана навивачка група. Доколку тоа се случи, предвидено е тие да бидат сместени на крајните делови од трибината“, изјави претставникот на Блокотехна, Драган Ристов.

Билетите за куп-завршницата ќе се продаваат од утре и тоа по блок-цена за четвртфиналињата од 200 денари односно по 100 денари за полуфиналињата и за финалето. Купувањето ќе биде со лични карти, а секој ќе може да купи најмногу три билети.

„Една од причините што ја избравме Гевгелија за домаќин на овој настан е и беспрекорната организација на дуелот од висок ризик помеѓу Македонија и Косово. Кошарката секако се игра за навивачи, а не за МКФ или за градоначалници. На клубовите е да се организираат, на навивачите да си купат билет и да си дојдат до своето место во салата“, дополни на оваа тема спортскиот директор на МКФ, Владимир Темелковски.

Четвртфиналните дуели се играат в петок, а во нив ќе се сретнат Блокотехна-АВ Охрид, Гостивар-Фени Индустри, МЗТ Скопје-Кожув и Работнички-Куманово.