Влог во иднината: МЗТ потпиша на три години со капитенот на јуниорскиот национален тим!

Актуелниот кошаркарски шампион, екипата на МЗТ Скопје, продолжува со трендот на ангажирање на речиси сѐ што е најдобро во младинските категории, откако денеска го официјализира потпишувањето на тригодишен договор со капитенот на македонската јуниорска репрезентација, Дарио Митевски (17 години).

Станува збор за еден од најталентираните македонски кошаркари во моментов, кој летово беше меѓу најзаслужните што жолто-црвените јуниори го освоија четвртото место на Европското првенство (ЕП), дивизија Б, во Орадеа (Романија). Митевски минатата сезона беше предводник на две шампионски генерации на аеродромци, поточно на вториот тим кој заврши како првопласиран во Втората лига, како и на јуниорскиот состав кој беше најдобар во М18-лигата во организација на Кошаркарската федерација на С. Македонија (КФСМ).

„Подолгорочниот договор со талентираниот Дарио е само уште една потврда на нашите заложби за давање шанса на најдобрите млади кошаркари во државата, за што и беше донесена одлуката нашиот младински тим да игра во Првата лига следната сезона. Само со промоција на млади играчи како Митевски може да се надеваме на развој не само на нашиот клуб туку и на целата македонска кошарка во целост“, велат од таборот на МЗТ Скопје.

Дарио веќе пет години наназад го носи дресот на тимот од Аеродром и тоа од најмалите категории сѐ до ланскиот настап за вториот сениорски тим во второлигашката конкуренција. Тој претходно настапуваше и за М14 и за кадетската репрезентација на Македонија.