Вардар „секна“ во Аеродром: МЗТ 2 до злато вредна победа во борбата за опстанок!

Кошаркарите на МЗТ Скопје УНИ Банка дојдоа до злато вредна победа во борбата за опстанок во Првата лига, откако вечерва, во заостанатиот меч од 7. коло го совладаа директниот конкурент Вардар (89-86), со кого сега имаат ист број победи – по три.

„Штркчињата“ до бодовите дојдоа на речиси на идентичен начин како и нивните повозрасани колеги претпладнево против Работнички и тоа со пеколен финиш и серија 8-1 со која негатива од четири поени (81-85) ја претворија во голема победа. „Вардарци“ долго ќе жалат за пропуштената шанса да му се „одлепат“ на ривалот, со оглед што водеа во најголемиот дел од средбата, па дури и со 13 поени разлика во неколку наврати во третиот период. Но, младите избраниците на тренерот Борче Даскаловски не се предадоа до самиот крај, за што потоа и беа наградени.

Американецот Роберт Монтгомери со 30 поени и 11 скока беше најзаслужен за големиот успех на МЗТ Скопје УНИ Банка, каде што Максим Митевски постигна 15, а Андреј Андоновски 14 поени. Дикембе Диксон со 23 поени беше најефикасен кај црвено-црните.

Вечерва се игра уште еден заостанатнатпревар и тоа помеѓу Кожув и Гостивар.