Усвоена жалбата на МЗТ 2, Вардар губи службено и испаѓа во Втора лига (ФОТО)

Комесарот за натпреварување во КФМ, Александар Милојевиќ, денеска ја усвои жалбата на МЗТ Скопје УНИ Банка на вчерашниот пораз од Вардар (56-68) во вториот меч од плејаутот за опстанок, откако за црвено-црните настапи кошаркар што воопшто не беше пријавен во записникот за овој меч и средбата ја регистрира со службени 2-0 за „штркчињата“ од Аеродром.

Според одлуката, „доколку екипа на натпревар настапи со играч што нема право на настап или екипата не поседува лиценци или листа одобрени кошаркари од Регистрациската комисија (РК) на КФМ, таа екипа го губи натпреварот со 20-0“. Во извештајот на делагатот и судии е потврдено дека Данаил Иванов со број 34 влегол во игра пред крајот на третиот период, иако го немало во пријавната листа, по што бил отстранет, а на Вардар му била досудена техничка грешка.

Оваа службена победа значи конечен триумф за МЗТ Скопје УНИ Банка во серијата со Вардар (2-0) и опстанок во елитата за аеродромските таленти, додека грешката ќе ги чини вардарци преселба во понизок ранг. Ова, сепак, не е конечна одлука бидејќи Вардар има право на жалба до Арбитражната комисија во рок од 24 часа. Нејзината одлука ќе биде конечна.