Уште не знаат лев двочекор, ролинг и зона-прес, а веќе имаат по неколку - менаџери!

Изминативе неколку недели речиси редовно на социјалните мрежи можеа да се прочитаат објави со честитки за потписи на млади македонски кошаркари за домашните клубови и тоа пред сѐ од профили на менаџерски агенции кои „мешетерат“ во државата, а чиј број од ден на ден е сѐ поголем.

Ова, секако, не е изненадување кога станува збор за веќе оформени играчи со репрезентативно искуство, кои не би имале ништо против и ако нивните застапници им најдат меѓународен ангажман, но шокира колку е сѐ поголем бројот на млади играчи кои сѐ уште не ги имаат совладано основните елементи од кошаркарскиот спорт, а веќе имаат свои менаџери. Летово речиси и да немаше кошаркар кој својот договор со клубот го потпиша без менаџерски застапник, без разлика дали неговите месечни примања се 500 или 5.000 евра.

Ваквиот тренд предизвика различни коментари во кошаркарските кулоари, пред сѐ поради фактот што само до пред пет-шест години дури и најдобрите македонски играчи не користеа менаџери при преговорите со домашните клубови, туку имаа застапници кои им „бркаа“ исклучиво ангажмани во странство.

„Не гледам што кошаркарите, особено оние помладите кои допрва треба да се етаблираат на пазарот, имаат бенефит од менаџерите кога станува збор за потписи со македонски клубови. Во период од кариерата кога требаат да работат на усовршување на играта и да новата средина да ја бараат според спортски критериуми, пред сѐ клуб каде што би имале најдобри услови за напредок, тие, водени од менаџерите, се интересираат само за пари, а потоа за сѐ друго. Тоа е погубно на подолги стази. Улогата на менаџер е одамна присутна во светската кошарка, но, според мене, агентот треба да работи на овозможување трансфер на поголема меѓународна сцена, а не за реализација на трансфер во домашните клубови“, ни изјави кошаркарски работник со децениско искуство, кој сакаше да остане анонимен.

Улогата на агентите е регулирана од Светската кошаркарска федерација (ФИБА), која издава специјални лиценци на луѓето кои може да посредуваат при кошаркарските трансфери. Во Македонија во моментов работат поголем број менаџери, но само двајца ја имаат потребната документација да се нарекуваат ФИБА-агент и тоа Зоран Николов и Александар Владимир Македонски. Останатите работат без лиценци, само како дел на поголеми меѓународни менаџерски агенции, кои потоа фигурираат во договорите.

„Не гледам проблем во тоа што кошаркарите во сѐ поголем број се застапени од менаџери. Тие им нудат можност да размислуваат само на играта, а им ги префрлаат сите административни работи. Агентите им се од корист и на клубовите, особено кај помладите играчи, бидејќи знаат дека имаат работа само со еден искусен професионалец, а не со родители, роднини, другари и пријатели кои најчесто досега се обидуваа да им обезбедат договори на талентираните кошаркари. Но, тоа важи само ако станува збор за ФИБА-агент, што е сериозна професија и за што е потребно време, знаење и пари за да се обезбеди лиценцата. Тоа секој кошаркар, без разлика дали е млад или искусен, треба да го знае при ангажирањето на менаџер, бидејќи на крајот квалитетот на застапувањето зависи од овие елементи. Моето знаење стекнато во ФИБА и знаењето на тие што ова го работат 'хонорарно' и без потребната лиценца, не е исто и тоа може скапо да ги чини играчи во некое судбоносни моменти“, ни изјави Николов, поранешен „снајпер“ на Жито Вардар, Неметали Огражден, Куманово, Балкан Стил и Поло Трејд.

Изминативе години лиценца за ФИБА-агент имаа уште двајца Македонци и тоа Игор Гацов и Горан Граматиков, но тие повеќе не се на листата активни менаџери. Процедурата да се дојде до ова драгоцено парче хартија е сложена и скапа, а вклучува и полагање нималку лесен тест во Швајцарија. Згора на тоа, секој лиценциран менаџер плаќа годишна членарина во износ од 2.000 швајцарски франци.