Тројца репрезентативци на Македонија поради Ковид 19 „заглавија“ во - карантин!

Светската пандемија со коронавирусот, како и на сите други им донесе големи проблеми на спортистите, особено на оние што настапуваа во земјите кои во моментов се на списокот на високо и средно ризични според Светската здравствена организација (СЗО) бидејќи по принуднуто враќање во Македонија ќе мора да минат две недели во задолжителен карантин.

Први кои „заглавија“ со ваквата заштитна мерка се кошаркарските репрезентативци Војдан Стојановски и Стојан Ѓуроски, кои играат во Франција и нашиот најдобар одбојкар во моментов, Никола Ѓорѓиев, кој настапува(ше) во Германија. Ѓуроски и Ѓорѓиев се веќе во изолација, откако пред три дена заедно слетале во Скопје, додека капитенот на баскет-селекцијата, Стојановски, денеска треба да пристигне од Данкерк каде што го носеше дресот на Гравелин.

„Кога слетавме во Скопје веднаш потпишав документ во кој потврдувам дека во следните две недели ќе бидам во изолација, во која би можел и да бидам проверени од полицијата. Од аеродром дојдов со специјално такси-комбе, каде што немав речиси никаков допир со возачот за да не го ставам и него на ризик, веднаш заминав дома каде што сум сам, а храната ми ја носат пред врата. Но и без тој документ, свесен сум дека доаѓам од ризична средина и секако дека ќе го сторев истото, без разлика на желбата да ги видам најблиските по долгата раздвоеност. Но, нивното и здравјето на сите други ми е во преден план, поради што верувам дека нема да ми биде тешко во карантин“, ни изјави Ѓуроски.

Ѓорѓиев изолацијата ја минува во родната Струмица, а се очекува денеска слични чекори да преземе и Стојановски. Тие побрзаа кон дома пред затворањето на границите на Европската унија, но и на нашата држава, односно прекинот на сите летови кон и од скопскиот аеродром, мерка што стапува на сила утре.