ТФТ се врати на вистински колосек со рутинска победа против Чаир!

Кошаркарите на ТФТ ја остварија осмата победа во македонската Прва лига, рутински против екипата на Чаир, со 87-75.

Натпреварот имаше живописен развој на резултатот, почнувајќи од првата четвртина, кога домаќинот отвори стравично доминантно, освојуајќи ја со 33-8. ТФТ погодуваше од секаде, играчите го остваруваа секој елемент од замислите на Боро Смилковски, па тој почна да го комбинира составот и да ги одмора првотимците.

Чаир тоа го искористи да се врати во игра, беше 55-39 на големиот одмор, а на почетокот на четвртиот период резултатот падна на само плус четири за ТФТ, 71-67. Сепак, со сигруен шут за тројка фаворитот се врати во двоцифрено водство, запишувајќи победа по само еден меч пауза, поразот од МЗТ, во првото коло од 2023 година.

ТФТ шутираше извонредно за тројка, речиси со 50-процентна успешност, 18 од 38, а најмногу се истакнаа Батрик и Бишоп со по четири. Батрик беше прв стрелец кај победникот со 24 поени, но најефикасен на мечот беше Френклин од Чаир, кој на 30 поени додаде и 13 скока. ТФТ е четврти со скор 8-5, а Чаир е на 10. место со девет порази и четири триумфи.