Кошаркарите на ТФТ и Работнички остануваат непоразени по првите три кола од новата сезона во Првата лига, откако вечерва ги совладаа екипите на Куманово (85-68) односно Ангели (86-69), со се најдоа на делба на првото мјесто на табелата во елитата.

Без разлика на истиот ефект, двата тима оставија различен впечаток со своите досегашни настапи. Екипата од скопската населба Тафталиџе по двоцифрените победи против Кожув и Еуро Никел, вечерва, како гости, буквално прегазија уште еден конкурент за висок пласман и потврдије дека не треба да се отпишат од борбата за највисок пласман. Неверојатната прва четвртина (35-14) им беше доволна за големата победа, во која најефикасни беа Хортон со 20 и Леонард со 18 поени.

Центарци, пак, имаат скор 3-0, но во секој досегашен меч и тоа против ривали кои се далеку под нивното реноме, максимално се мачеа, исто како и во денешниот дуел со дебитантот, кој имаше двоцифрена предност по крајот на првото полувреме (49-38). Во продолжението, сепак, до израз дојде поголемото искуство на црвено-белите, кои примија само четири поени во третиот период и целосно го свртеа резултатот. Емерсон со 21 и Данаиловкси со 18 поени беа најпрецизни кај Работнички, додека Мандерсон со 22 кај Ангели.

Гостивар беше ептен убедлив против МЗТ Скопје Уни Банка (92-67), додека Академија ФМП како гостин го победи Кожув (76-69), во директен дуел на двете екипи кои досега немаа ниту една победа. Третата рунда завршува задутре, кога Еуро Никел го пречекува МЗТ Скопје, а Пелистер ќе му биде домаќин на Феникс.