ТФТ и Пелистер со убедливи победи се загреаја за дуелите во АБА2!

Кошаркарите на ТФТ и Пелистер први ја одработеа задачата наречена 6. коло од Првата лига и тоа поради настапот на турнирот од АБА2 лигата во Сараево што почнува в понеделник, па лесно и убедливо како домаќини ги совладаа екипите на Кожув (103-80) односно Чаир 2030 (91-70).

Екипата од скопската населба Тафталиџе уште во првата четвртина ги решија дилемите околу победникот, со оглед што по воведните 10 минути веќе водеа со 35-13. Репрезентативецот Страхил Николов со 23 поени беше најпрецизен во победничкиот тим додека Мајрон Гордон со 21 поен беше најефикасен кај гевгеличани.

Битолчани, пак, по релативно изедначеното прво полувреме, победа ја осигураа во третата четвртина (32-17). Сеад Хаџифејзовиќ со 24 поени беше најефикасен кај зелено-белите додека Јусуф Мохамед со 26 поени беше најдобар кај дебитантот во елитата.

ТФТ и Пелистер на турнирот во босанската престолнина ќе одиграат по три меча, откако првите два ги загубија односно ги добија.