МЗТ Скопје УНИ Банка доби нов тренер и тоа буквално - професор по кошарка!

Талентите од вториот тим на актуелниот шампион од „Јане Сандански“, кои настапуваат во Првата лига под името МЗТ Скопје УНИ Банка, следната сезона од клупата ќе бидат предводени од професорот при катедрата за кошарка на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФОСЗ), Борче Даскаловски.

Станува збор за поранешен тренер на Карпош Соколи, кој доаѓа на местото на Горан Крстевски, а кој ќе се врати во работата со најталентираните во младинска школа на клубот од Аеродром и тоа во селекцијата за кошаркари до 16 години.

Даскаловски е поранешен играч на Вардар, Балкан Стил, Пелистер и Фени индустри, додека како тренер има работено во Вардар и во Карпош Соколи, каде што прво беше асистент во стручниот штаб кога „соколите“ играат во АБА-лигата и го освоија пехарот во Купот на Македонија. Следната сезона го презеде клубот како прв тренер и собра големо искуство преку настапите во квалификациите за Лигата на шампионите на ФИБА, а потоа и во ФИБА Еврокупот. Минатото првенство, пак, го мина како дел од стручниот штаб на Астана, најдобриот тим во Казахстан и член на ВТБ-лигата, каде што работеше заедно со поранешниот тренер на првиот тим на МЗТ, Емил Рајковиќ.

МЗТ Скопје УНИ Банка и во следната сезона ќе настапува во елитата и тоа повторно со млад и талентиран тим, со амбиција да обезбеди опстанок, но и „направи“ кошаркари кои во иднина би можеле да го носат дресот на најдобриот тим на „металците“.