Талент на МЗТ Скопје е за во Гинис, за 24 часа одигра дури – четири натпревари!

Еден од најталентираните кошаркари на МЗТ Скопје, Виктор Исајловски (17 години), долго ќе го памети 24-часовниот период од завчера вечер до синоќа со оглед што во тој период настапи на дури четири натпревари во три различни екипи на сино-белата чета, што дефинитивно е редок податок кој дури и би можел да се најде во Гинисовата книга на рекорди.

Јуниорскиот репрезентативец на Македонија со „маратонот“ почна во вторникот доцна навечер, кога со тимот за играчи до 18 години од Аеродром го одигра вториот четвртфинален дуел против Чаир 2030 (61-64). Веќе в среда на пладне Исајловски повторно беше на паркетот со јуниорскиот состав на МЗТ Скопје во решавачкиот трет дуел со Чаир 2030 (82-64) во кое аеродромци дојдоа до втората победа и пласман во следната фаза од плејофот во оваа конкуренција.

По неколку часовен одмор, талентот на тимот од „Јане Сандански“ повторно го облече сино-белиот дрес и тоа овој пат за сениорскиот тим во пресметката со Куманово (92-57) во меч од 8. коло од Првата лига. Исајловски доби шанса за настап и на овој дуел одигрувајќи пет минути за најдобриот тим на МЗТ во кои реализира една тројка. Овој натпревар почна во заврши околу 19.30 часот, а само 60 минути подоцна македонскиот репрезентативец одново се најде на теренот, овој пат во дресот на вториот тим на составот од Аеродром во првата полуфинална пресметка од плејофот во Втората лига против Ангели (97-79)

Без разлика што ова му беше четврти дуел во само 24 часа, тој одигра на нивото кое од него го посакува тренерот на овој состав на „аеродромци“, Горан Крстевски и имаше солиден удел во триумфот со кој талентите на МЗТ направија голем исчекор кон пласман во финалето, кое, пак, носи голема можност за уште едно место во Првата лига.

Ваквата максимална „употреба“ говори не само за несомнениот голем талент на Исајловски (чија минутажа беше дозирана на сите средби за да не се премори многу), за кого ваквото играње во различни конкуренции му носи непроценливо искуство, туку и за небулозниот календар во младинските лиги на КФСМ кој дозволува играње на две средби во рок од само 12 часа (примерот со двете средби на јуниорите на МЗТ Скопје со Чаир 2030). Вакви примери имаат и други клубови во младинска конкуренција, што дефинитивно е аномалија со која новото раководство предводено од Перо Антиќ мора под итно да се позанимава.