Судиите ни се топ, а Гостивар наместо да „плаче“ да научи да шутира и да не ја губи топката!

Судиската комисија при Македонската кошаркарска федерација (МКФ) денеска со официјално соопштение реагира на коментарите кои се појавија на социјалните мрежи и во медиумите по полуфиналниот меч од Купот на Македонија помеѓу Гостивар и Блокотехна, во кои беше потенциран револтот на гостиварци во однос на судиските одлуки во оваа пресметка.

Делителите на правдата си направиле анализа на овој дуел и сметаат дека се „чисти како солза“, а меѓу редови му порачуваат на тимот на Гостивар наместо да „плаче“ да научи прецизно да шутира и да не ја губи толку многу топката. Соопштението ви го пренесуваме во целост.

„Судиската комисија на вонредна седница ги разгледа реакциите на КК Гостивар објавени на социјалните мрежи и на некои од спортските портали, и ги донесе следните заклучоци:

Екипата на КК Гостивар имаше можност да поднесе официјална жалба на судењето со посочување на, според нив, спорните моменти од натпреварот – нешто што не го сторија;

Делегат-контролорот на натпреварот по прегледувањето на снимката утврдил дека една одлука на судиите не влијаела во текот и на крајниот резултат на натпреварот, сите одлуки се во рамките на воспоставениот критериум и подеднакви за двете екипи. Истото е утврдено по прегледување на видео-снимката од натпреварот од страна на Судиската Комисија;

Во ниту еден момент од натпреварот, која било екипа не е доведена во подредена или привилегирана положба во однос на противникот.

Дополнително, од снимката и од статистичките податоци од натпреварот (иако Судиската Комисија нема ингеренции да коментира за статистиката од натпреварот) може да се заклучи следново:

Бројот на лични грешки е идеално еднаков за двете екипи и изнесува 19-19 што е релативно мал број на лични грешки за толку важен натпревар;

Во последната четвртина од натпреварот, екипата на КК Гостивар вкупно постигна само 14 поени, а прими 24. Притоа во само 10 минути имаат вкупно 10 промашувања и тоа: 6 за 3 поени и 4 за 2 поена;

Екипата на КК Гостивар има 17 загубени топки на натпреварот, од кои дури 6 во последната четвртина.

Имајќи ги предвид горенаведените бројки, со право можеме да констатираме дека вината не може да се бара кај судиите, туку пред сè во своите редови и во евентуалниот замор кај играчите...

Би сакале дополнително да го осудиме однесувањето по завршувањето на натпреварот на некои од играчите на КК Гостивар, каде пред очите на целата спортска јавност беше нарушен личниот интегритет на судиите, при што само присебниот однос и брзата реакција на тренерот Марјан Србиноски спречи да дојде до посериозен инцидент, за што му изразуваме благодарност.

Судиската Комисија на МКФ сосема објективно ја следи работата на своите членови на кошаркарските терени ширум државата, преку континуирана едукација и оценување на своите членови.

Ја уверуваме македонската кошаркарска и спортска јавност, дека нашите судии се на висина на своите задачи и дека секогаш се столбот кој обезбедува фер, коректен и пред сè спортски натпревар на терените“, се вели во соопштението.