Старт со проблем: Вардар бара одложување поради кошаркар позитивен на Ковид-19!

Екипата на Вардар побарала одложување на утрешниот прв меч од новата сезона против Црн Дрим поради фактот што еден од кошаркарите, центар кој во минатото настапуваше за МЗТ Скопје, бил позитивен на задолжителното тестирање кое според новиот протокол тимовите мора да го направат пред секоја средба.

Црвено-црните оваа информација ја споделила со канцеларијата на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), од каде чекаат дополнителни инструкции, но и до Институтот за јавно здравје (ИЗЈ) за тоа дали евентуално ќе треба целиот тим да замине во изолација. Станува збор за дуел со кој требаше да стартува новата сезона и тоа утре со почеток во 17 часот, но сега сѐ е во рацете на комесарот Сречко Хорват, кој треба да реши дали ќе се игра сега или мечот ќе се одложи.

На останатите средби од првото коло од кошаркарската елита, утре силите ќе ги одмерат Кожув и Пелистер (17.30 часот), ТФТ и Куманово (18 часот) односно Академија ФМП и Гостивар (18 часот), додека задутре ќе играат МЗТ Скопје Уни Банка против Еуро Никел (16 часот) и вечните ривали Работнички и МЗТ Скопје (18 часот).