СРАМОТА: МКФ не го казни Шкупи за тепањето кошаркар и двајца полицајци!

Комесарот за натпреварување на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), Владо Цветковски, можеби не сакајќи, воден од делегатскиот извештај, денеска ја донесе најсрамната одлука во историјата на овој спорт кај нас, откако не изрече ама баш никаква казна за инцидентот кој минатиот викенд се случи на средбата Шкупи-Пелистер кога, според МВР, биле нападнати кошаркар и функционер на гостите како и двајца полицајци.

Според делегатот на средбата, Марјан Тодоровски, „доколку се случило било што, тоа се одвивало по завршен натпревар“, презентирајќи ги работите како воопшто да не бил присутен на инцидентот во кој, повторно според МВР, прво била фрлена петарда кон клупата на Пелистер, од каде што играчите возвратиле со фрлање пластично шише полно со вода. Потоа навивачите на Шкупи ја прескокнале оградата од трибината и нападнале неколку играчи од таборот на битолчани. Прашање е дури и да не бил делегатот во салата, иако морал да остане таму додека од паркетот не си замине гостинскиот тим, зошто извештајот на МВР не бил доволен доказ дека имало инцидент кој мора да биде казнет и според актите на МКФ.

Поради ова, прволигашот од Чаир мина само со казна од 5.000 денари за слаба редарска служба и дополнителни 20.000 денари за неспортско навивање, прекршоци кои немаат врска со скандалот кој се случил на крајот.

Сето ова носи дополнителен преседан за нови вакви или полоши ицниденти, опасни по здравјето на кошаркарите откако МКФ со овој преседан го загрозува здравјето на кошаркарите, кои сега може да бидат тепани без никаква казна веднаш чим се слушне последниот звук на сирената.

Останува да се види дали од Пелистер ќе дојде реакција на ваквата срамна одлука на комесарот, која е поткрепена од делегатскиот извештај и дали ќе има потреба за сето ова да одлучува Арбитражната комисија на МКФ. Во кошаркарските кулоари веќе се шпекулира дека неизрекувањето казна за Шкупи по еден ваков огромен скандал е своевидна награда за овој клуб што е на страната на Петар Наумоски во битката за превласт во македонската кошарка.