Спектакл на југот: Гевгелија ќе ги нагости најдобрите екипи во Купот на Македонија!

Најдобрите осум екипи од Купот на Македонија пресметката за драгоцениот пехар ќе ја водат во Гевгелија, каде што од 15 до 17 февруари ќе се одржи завршниот турнир во ова натпреварување.

Оваа информација се очекува деновиве и официјално да биде потврдена од челниците на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), која ќе ја има улогата на организатор, откако пропадна лицитацијата за домаќин на фајналејт-турнирот на која никој не се пријави. Причина за тоа беше високата почетна цена од 500.000, која беше една од пречките кандидатура да не истакне градот Гостивар, кој важеше за фаворит во кошаркарските кругови. Гостиварци искажуваа сериозна заинтересираност по 25 години повторно да бидат во центарот на вниманието во Купот, но оставија тоа да се случи во некоја следна прилика.

Завршниот турнир од куп-натпреварувањето по три години се враќа во Гевгелија, откако изминативе две издание се одиграа во Кавадарци. Градот на југот од Македонија последен пат ги нагости најдобрите осум екипи во 2016 година, кога на крајот како победник излезе МЗТ Скопје по победата во финалето со Карпош Соколи.

Според нашите информации, улогата на главен организатор ќе ја има градот Гевгелија, но во директна и заедничка соработка со прволигашите Блокотехна и Кожув. Средбите од машкиот дел од Купот ќе се играат во градската сала во која настапува Кожув, додека натпреварите од женскиот турнир ќе се одиграат во салата во Негорски бањи, која е дом на најпријатното изненадување во македонската кошарка во последната деценија, тимот на Блокотехна.

Според правилата, осумте екипи ќе бидат поделени во два барабани од кои ќе бидат извлечени четвртфиналните двојки со распоред сѐ до финалето. Во првиот барабан ќе се најдат Работнички, Блокотехна, МЗТ Скопје и Гостивар додека во вториот ќе бидат Фени индустри, Куманово, Кожув и АВ Охрид.