Сити Парк Бојс пред куп-финалето: Ало МВР, каде нѐ носите, во Гевгелија или во Џенова?! (ФОТО)

Кошаркарите на Работнички на денешното големо куп-финале против Блокотехна (17.30 часот), без разлика што се игра во градот на противникот ќе имаат солидна помош од трибините со оглед на најавеното присуство на членови на навивачката група „Сити Парк Бојс“.

Нивното доаѓање, нормално, е следено од претставници на Министерството за внатрешни работи (МВР), а најверните фанови на центарци искористија необична ситуација малку да се пошегуваат на сметка на полицијата.

„Ало МВР, каде нѐ носите, во Гевгелија или Џенова?“, напишаа претставниците на ЦПБ.

Причина за ова е фактот што на едно од полициските комбиња пишува „Карабинери“, односно називот на италијанската полиција. Засега само не е јасно дали тоа е само италијанска донација со домашен „кадар“ во него или, пак, МВР навистина побарало италијанска помош за успешно одржување на јавниот ред и мир при гостувањето на навивачите на Работнички во Гевгелија.