Силјан Мицевски дал 70.000 евра за да го спаси МЗТ во време на Ивица Коневски!?

Бизнисменот Силјан Мицевски го спасил македонскиот кошаркарски гигант МЗТ Скопје од со 70.000 евра во времето додека градоначалник на скопската општина Аеродром беше Ивица Коневски, откри самиот бизнисмен како сведок на судењето во предметот „Талир“ против ВМРО-ДПМНЕ, околу незаконското финансирање на партијата.

Мицевски во сведочењето каде сè давал пари, го посочи и МЗТ Скопје дека го финансирал и тоа по барање на лица од партијата.

„Сме дале и на кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје околу 70.000 евра, требаше да платат некоја котизација за да не ги избришат од лигата и јас ја платив. Плативме не по наша иницијатива, туку по барање на одредени луѓе од партијата“, е сведочењето на Мицевски.

Неофицијално, битолскиот бизнисмен парите ги дал во 2012 година, ама не за опстанок на МЗТ Скопје како што вели туку за плаќање на тригодишната лиценца за влез во АБА лигата, која вкупно изнесуваше 150.000 евра, од што бенефит има(ше) целата македонска кошарка.