Шутерско шоу: Работнички со канонада тројки го скрши отпорот на Блокотехна!

Фантастичниот шут за три поени беше клучната причина за победата на Работнички во вечерашното гостување кај Блокотехна (93-86), во меч од 5. коло од Суперлигата, кој дефинитивно влегува во најтесна конкуренција за најубава кошаркарска пресметка сезонава.

Центарци погодија дури 16 тројки со речиси 50-отстотна прецизност со што ги урнаа надежите на домаќинот за прв триумф во дуелите со 14-кратниот шампион во дебитантската сезона во елитата. Избраниците на тренерот Марин Докузовски погодија три по последните летири минути и тоа од тешки позици со што дефинитивно го скрши отпорот на амбициозните гевгеличани.

Кошаркарите на Блокотехна уште еднаш покажаа дека сосема заслужено се на второто место на табелата, сега со ист скор како и МЗТ Скопје (20-7) и има зошто да жалат по овој дуел со оглед што малку им фалеше да дојдат до бодовите на крајот. Искуството на Работнички уште еднаш дојде до израз, со што тимот од „Градски парк“ покажа дека првиот првенствен пораз сезонава од Куманово пред една недела не оставил печат и дека продолжува да гази сѐ пред себе кон плејофот за титула.

Димитар Мираковски со 17 поени беше најефикасен кај победникот, Маркус Гинјард реализира 14, Ѓорѓи Чековски 13, а Чавдар Костов 12 поени. Високиот Шон Еванс, пак, оствари уште еден дабл-дабл ефект со 10 поени и 11 скока. Данило Мијатовиќ со 19 и Бенџамин Двејн со 15 поени беа најпрецизни кај Блокотехна.

Синоќа, МЗТ Скопје го совлада АВ Охрид, а подоцна вечера играат Куманово и Гостивар.