Шкупи и Пелистер направија исчекор во борбата за опстанок во Првата лига!

Кошаркарите на Шкупи и на Пелистер се еден чекор поблиску до опстанок во кошаркарската елита, откако попладнево, како гости, ги совладаа директните конкуренти за избегнување на најлошото, Карпош Соколи (107-91) односно Струмица (60-53).

За составот од Чаир ова беше трет триумф сезонава додека битолчани сега имаат скор 5-13 и се изедначија со „соколите“ на делбата на деветата позиција на табелата. Струмичкиот состав сега останува сам на дното со само два триумфа.

Луис го предводеше Пелистер со 23 поени, додека кај Струмица најефикасен беше Арсоски со 15 поени. Кај Шкупи, пак, најпрецизни беа Адекоге 23 поени и Рид со 21 поен, додека Спенс постигна 23 поени за тимот од Карпош.

Подоцна денеска во рамки на 18. рунда силите ќе ги одмерат АВ Гостивар против Блокотехна (18 часот), Работнички против Гостивар (18 часот) односно Куманово против Кожув (19 часот). Колото ќе биде комплетирано во вторник, кога МЗТ Скопје ќе го пречека Фени индустри.