Школски пример како да загубиш добиен меч, ама и како да - „воскреснеш од мртвите“ (ВИДЕО)

Денешниот натпревар помеѓу Феникс и Ангели (83-80) дефинитивно ќе влезе во категоријата школски примери како да загубиш добиен меч, но и како да „воскреснеш од мртвите“, кога веќе сите те отпишале.

Тоа пред сè се однесува на последните 14 секунди до регуларниот дел од мечот, кој имаше едно продолжение, во кои гостите влегоа со предност 72-68, две слободни фрлања и топка од страна со оглед што претходно имаше неспортска грешка. И сето ова успеаја да го прокоцкаат. Тие промашија четири од шестте изведени слободни фрлања во оваа пенал-завршница, а примија две тројки со кои домашниот тим се избори за продолжение. Ангели не само што прокоцка многу со утнатите слободни, не успеа да го испочитува главното кошаркарско правило кога водиш со три разлика (74-71) на неколку секунди до крајот, а тоа е да направиш прекршок за два пенали.

Затоа, како казна ќе примиш тројка со звукот за сирената за продолжение, а потоа на идентичен начин и го загубиш веќе добиениот натпревар. Ваква инфаркт-завршница одамна не е видена во македонската кошарка, а дефинитивно ќе биде изучувана на катедрата по кошарка на Факултетот за физичка култура, во делот „како не треба да играш кога има добиен натпревар“.