МЗТ бара да се намали бројот на странци во кошарката!

Актуелниот кошаркарски шампион МЗТ Скопје од челниците на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) бара за следната сезона да се намали бројот на странци кои клубовите може да ги користат на еден меч и тоа од шест на четири, со интенција бројката да дојде и до тројца интернационалци од сезоната 2019/20.

Како причина за ова, „металците“ ги наведуваат лошите настапи на младинските селекции како и фактот што сениорската репрезентација игра во најнизок ранг од натпреварувањата на ФИБА.

„Веруваме дека е крајно време да се редуцира присуството на странски кошаркари во прволигашките клубови, со цел поголема шанса да добијат македонските таленти, кои потоа би нѐ извлекле од калта во која сега се наоѓаме сите. Ова би бил прв чекор на патот кон рехабилитација на македонската кошарка на клупски и на репрезентативен план, за која сме сведоци дека е далеку од времето кога бевме четврти во Европа односно седми во АБА-лигата“, велат од сино-белиот табор.

Аеродромци во борбата за остварување на својата цел бараат поддршка од сите засегнати страни, како прволигашките екипи и Здружението на кошаркарите, но и од сите оние кои му сакаат добро на овој спорт кај нас.

„Ова не е само наша борба ниту, пак, сами можеме да ја извојуваме победата. Затоа бараме поддршка од сите членови на Собранието на МКФ, пред сѐ од прволигашите и од Здружението на кошаркари кои најдиректно се засегнати и кои веруваме дека ќе нѐ поддржат во барањето од кое, убедени сме, зависи иднината на кошарката во Македонија“, дополнуваат од „Јане Сандански“.

Според процедурата, барањето на МЗТ Скопје прво би требало да биде разгледано од стручниот совет и од Управниот одбор на МКФ, а потоа, ако е сѐ според актите, да биде ставено на гласање на вонредно или дописно Собрание на кое би се разгледувала промената на член 32.5 од Регистрацискиот правилник, кој го одредува бројот на странци во кошарката кај нас.