Кошаркарите на МЗТ Скопје повторно се осамени на врвот од табелата во Првата лига, откако вечерва, лесно и убедливо, го совладаа тимот на Пелистер (83-59) со што максимално го искористија вчерашниот кикс на Гостивар во Гевгелија.

ИГОР КРСТЕВСКИ

Кошаркарите на МЗТ Скопје повторно се осамени на врвот од табелата во Првата лига, откако вечерва, лесно и убедливо, го совладаа тимот на Пелистер (83-59) со што максимално го искористија вчерашниот кикс на Гостивар во Гевгелија.

Актуелниот шампион сега има учинок 11-3, односно една победа повеќе во однос на дури четири екипи кои заеднички ја делат втората позиција со идентичен скор, меѓу покрај гостиварци уште се Работнички, Кожув и Еуро Никел. Пелистерци, пак, остануваат зад Куманово во битката за шестата позиција, која последна води во Суперлигата.

На избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов има треба само десет минути и тоа првите на средбата да ги решат сите дилеми околу победникот, со оглед што на влезот во втората четвртина веќе имаа позитива од 19 поени (29-10). Сето потоа беше рутинско одработување на задачата од страна на МЗТ Скопје, во чиј состав ги немаше Марин Морнар и Рагип Атар, додека кај битолчани изостана повредениот Игор Пенов.

Дамјан Стојановски беше најефикасен со 15 поени, Андреј Маслинко имаше дабл-дабл ефект со 14 поени и 11 скока, додека Ѓорѓе Милошевиќ реализира 14, а Андреј Магдевски 11 поени. Антон Казарновски со 23 и Адем Мекиќ со 18 поени беа најпрецизни кај Пелистер.

Вчера, Кожув во дербито беше подобар од Гостивар, Работнички лесно ја совлада Академија ФМП, а Еуро Никел немаше проблеми со МЗТ Скопје УНИ Банка. Вечерва играат уште и Вардар и Куманово.