Шампионот мисли и на иднината: Талентираниот крилен центар останува во МЗТ Скопје!

По продолжување на соработката со тренерот Ѓорѓи Кочов и задржувањето на Андреј Магдевски, управата на МЗТ Скопје продолжи со пополнување на ростерот со македонски кошаркари, откако денеска нов едногодишен договор со актуелниот шампион потпиша и еден од најталентираните македонски кошаркари во моментов, Андреј Маслинко (22 год, 208 см).

Станува збор за крилен центар чија кариера оди во нагорна линија и од кого се очекува во следната сезона да се наметне како еден од носителите на играта на составот од Аеродром.

„Неговото задржување е нова потврда на нашите заложни за давање шанса на талентираните домашни играчи, кои во иднина би биле движечка сила на македонската кошарка во целост. Стручниот штаб предводен од тренерот Ѓорѓи Кочов од крилниот центар очекуваат да се наметне како една од (нај)важните алки во играта на нашиот тим и во целост да го покаже сиот свој раскошен талент“, велат од тимот од „Јане Сандански“.

Маслинко кариерата ја почна во Партизан Водно санс, од каде што уште на 16-годишна возраст се пресели во Италија каде што две сезони мина во дресот на Стела Азура, а една во екипата на Пафони Омења. Потоа следуваше враќање во Македонија и по едногодишен престој во Работнички преселба во таборот на МЗТ Скопје каде што ќе остане уште најмалку една сезона.

Талентираниот кошаркар минатата сезона настапи на 16 средби во домашното првенство со просек од 10,2 поени и 4,9 скока, со напомена дека пропушти поголем дел од вториот дел од сезоната поради повреда.

„Металците“ под договор ги имаат уште и репрезентативците Дамјан Стојановски и Марко Симоновски, а се очекува во иднина да бидат ангажирани и првите странски засилувања за новиот шампионат.