Шампионот им се врати на победите: МЗТ со една пеколна четвртина лесно го реши АВ Охрид!

Кошаркарите на МЗТ Скопје дојдоа до јубилејната 20. победа сезонава во домашното првенство, откако вечерва, со далеку подобра игра во второто полувреме, како гости го совладаа тимот на АВ Охрид (89-80), со што се вратија на победничката патека по неуспехот пред неколку дена во вечното дерби со Работнички.

На „металците“ им беше доволна една пеколна четвртина за да ја решат охридската енигма и тоа третата која ја добија со 28-15. Сино-белите во тој дел од играта дојдоа до убедлива преност која потоа умешно ја задржаа до крајот на средбата. Охриѓани без разлика на поразот се прикажаа во повеќе од солидно светло, со оглед што ја имаа контролата брз играта и резултатот во најголем дел од првото полувреме.

Но, потоа до израз дојде поголемиот квалитет и искуство на противникот, а згора на тоа останаа и без својот најдобар поединец, Рос Кенет, кој беше исклучен во третата четвртина поради исклучувачка и техничка грешка. Домаќинот згора на тоа настапи ослабен без стартниот центар, Емир Зимиќ.

Бојан Трајковски со 24 поени и девет скока и Јуре Лалиќ со 20 поени и осум скока беа најдобри во составот на МЗТ Скопје, додека Мирза Ахметбашиќ со 21 и Филип Хенри со 19 беа најпрецизни кај АВ Охрид.

Ова беше прв меч од 5. коло од Суперлигата, со склоп на кое утре силите ќе ги одмерат Блокотехна и Работнички (17.45 часот) односно Куманово и Гостивар (19 часот). Вечерва се одиграа и два меча од Плејаут-лигата во кои Кожув го совлада Фени индустри (93-84), а Пелистер како гостин беше подобар од Струмица.

ФОТО: ОхридЊуз