Шампионот блесна во вториот дел: Работнички со 14 тројки го „изрешета“ Кожув! (ФОТО)

Фантастичната партија на двоецот Чавдар Костов-Кирил Николовски, кои постигнаа половина од поени за својот тим, екипата на Работнички без никакви проблеми дојде до третата победа во низа во новата сезона, овој пат на домашен терен против Кожув (102-75).

Центарци дури во второто полувреме го скрши отпорот на гостинот, откако во првите две четвртини видовме релативно изедначен натпревар. Советите на Марин Докузовски во соблекувалната вродија со плод, па црвено-белите третиот и последниот период ги добија со огромни 52-29, доволно за лесен триумф. Работнички постигна 14 тројки, а промаши само девет обиди во ударите за два поени (21/30).

Костов со 29 поени беше најефикасен, а Николовски средбата ја заврши со 26 поени. Двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Димитар Мираковски со 15 и Бојан Крстевски со 10 поени. Александар Радуловиќ со 15 поени беше најпрецизен кај Кожув.

Претходно денеска, МЗТ Скопје лесно го среди Вардар, мечот Шкупи и Фени индустри беше одложен, а вечерва играат уште и Блокотехна и Пелистер. Третата прволигашка рунда ќе се заокружи утре со дуелот помеѓу АВ Охрид и Куманово.