Сензација во Кисела Вода: Лонг и Главчев му донесоа злато вредна победа на ФМП!

Кошаркарите на Академија ФМП дојдоа до злато вредна победа во вечерашната пресметка на домашен терен против фаворизираниот Кожув (83-73), остварена со фантастична игра во последната четвртина во која ја остварија клучната разлика.

„Академците“ брзо се вратија по поразот од директниот ривал во минатото коло, па дојдоа до четвртиот триумф сезонава, кој им носи предност во однос на Вардар, кој сега има една победа помалку и тешко гостување кај Работнички. Дебитантот последните десет минути ги доби со 26-14, со што не само што ја „стопи“ негативата туку и си обезбеди мирен финиш без многу драма. Гевгеличани одиграа далеку под можностите и сега ќе „паднат“ на табелата на која во пресрет на 17. коло од Првата лига беа на делба на втората позиција.

Најзаслужни за триумфот беа Американецот Александар Лонг и новакот Горан Главчев кои средбата ја заврши со 20 поени и осум скока односно со 18 поени и по четири скока и асистенции (7/9 шут од поле). Томас Зданавичиус со 19 поени беше најефикасен кај Кожув.

Вечерва играат уште Работнички-Вардар, Гостивар-Куманово и Пелистер-МЗТ Скопје Уни Банка, а утре на програмата е дербито помеѓу МЗТ Скопје и Еуро Никел (19 часот).