Сензација во Чаир: Шкупи првпат победи и го најави крајот на Карпош Соколи!

Кошаркарите на Шкупи долго ќе го паметат денешниот ден, откако на домашен терен дојдоа до првата прволигашка победа во историјата и тоа во пресметка против актуелниот вицешампион Карпош Соколи (86-77).

Домаќинот лавовски се бореше и заслужено дојде до бодовите, но најмногу поради фактот што гостите настапија со само седум кошаркари од кои само двајца беа странци. Финансиската криза, која подолг период ги тресе „соколите“, беше причина што во тимот ги немаше Американците Мекфејден, Браун и Колинс како и Хрватот Делиќ. Дури тројца мораа да играат по 40 минути, а тренерот Ангел Тасевски имаше само една вистинска замена.

Џејмс Муојеке со 31 поен беше најзаслужен за триумфот на чаирчани, Тајрон Херис постигна 20, а Џозеф Тејлор 18 поени. Кај гостите, Дарко Соколов постигна 27, Жарко Чомагиќ 18, а Стојан Ѓуроски 17 поени.

Претходно денеска, во рамки на 7. коло од Првата лига, Блокотехна дома беше подобра од АВ Охрид, Струмица го изненади Пелистер додека Куманово немаше проблеми со Кожув. Утре се игра дербито во Гостивар каде што гостува Работнички, а дополнително ќе се одигра средбата помеѓу Фени индустри и МЗТ Скопје.