Сега е сѐ јасно: Блокотехна го растури Куманово и го потврди третото место пред плејофот!

Кошаркарите на Блокотехна суперлигашкиот дел од првенството и официјално ќе го завршат на третата позиција, откако попладнево, во последното коло од регуларниот дел, лесно и без мака, го совладаа тимот на Куманово (78-55).

Овој триумф значеше и задржување на предноста од една победа пред Гостивар, кој претходно денеска, исто така во Гевгелија, по голема борба го совлада Кожув (89-86).

Составот од Негорци во доигрувањето влегува со скор 22-8 додека гостиварци со учинок 21-9. Кумановци вечерва беа рамноправен противник само во првото полувреме, а сите дилеми беа решени во финишот од втората четвртина кога домаќинот со серија 16-3 на одмор замина со опипливи плус осум (40-32). Тоа беше само најава за фуриозниот трет период, кој тимот предводен од Марјан Илиевски го доби со 27-9 за решавање на сите дилеми околу конечниот победник.

Кенет Фундербург со 23 поени беше најпрецизен кај гевгеличани, додека Бранислав Ѓекиќ со 13 поени беше најефикасен кај Куманово.

Блокотехна во плејофот ќе игра против Работнички, што значи дека Гостивар ќе му биде противник на лидерот МЗТ Скопје. Доигрувањето почнува претстојниот викенд, а сериите ќе се играат до три победи.