Се заборавија од играње: Еуро Никел по дури 50 минути го скрши отпорот на Куманово!

Кошаркарите на Еуро Никел , по голема борба и дури две продолженија, ја добија денешната пресметка со Куманово (112-111) во заостанатиот меч од 5. коло од Првата лига.

Кавадарчани уште еднаш се покажаа како мајстори за нерешени средби во регуларниот дел, но и победи по тоа, со оглед што ова им е четврти меч во 2021 година во кој бодовите ги освојуваат по најмалку еден екстра период. Двата тима имаа свои шанси да го добијат натпреварот по 40 односно 45 минути игра, но на крајот пресуди поголемата свежина на лицата на домашниот состав.

Јунак во таборот на Еуро Никел беше хрватскиот интернационалец Роберт Рикиќ со 30 поени и 14 скока, а веднаш зад него беше Јане Петровски со 25 поени. Кај кумановци предничеа Отис Ливингство со 26 поени и Бранислав Ѓекиќ со 22 поени и осум скока.

Составот од Кавадарци со овој триумф изби на чело на прволигашката табела, секако привремено поради огромниот број одложени средби, со сосема солиден учинок 15-6, додека Куманово има скор 10-9 и сѐ уште теоретски го нема обезбедено местото во плејофот, иако за тоа е потребна само формалност.