Се „крчка“ новитет во Парк: Работнички пред потпис со искусен бек од АБА-лигата!

Без разлика што последни ги почнаа подготовките за новата сезона и тоа пред само неколку дена и тоа во некомплетен состав, во таборот на Работнички продолжуваат да демонстрираат највисоки амбиции, за што говори и шпекулациите за преговори по кои во „Градски парк“ би дошол искусен бек од САД.

Неофицијално, центарци се во завршни разговори за ангажирање на доскорешниот кошаркар на Копер Приморска, Стерлинг Гибс (27 год, 188 см), кој летово постигна начелен договор за обнова на соработката со словенечкиот состав, но во последен момент реши да побара нова средина. Станува збор за играч со големо европско искуство, кој претходно за екипи од Унгарија (Корменд, Капошвар), Русија (Нижни Новгород), Грција (Колосос), Франција (Нант) и Словачка (Интер Братислава). Минатата сезона во дресот на Приморска одигра шест средби со просек од 12,5 поени, 2,1 скок и 2,2 асистенции.

Ако дојде до реализација на овој трасфер, Гибс би бил третиот Американец, а четвртиот странец во таборот на Работнички, кој веќе потпиша договори со Дамиер Питс, Девон Вашингтон и Стефан Балмазовиќ. Од домашните кошаркари, засега е сигурно дека црвено-белиот дрес во следната сезона ќе го ност Виктор Ефремовски, Марјан Младеновиќ, Кирил Николовски и Стефан Младеновиќ.