Се „крчка“ добар тим на Западот: Гостивар го задржа Штерјов и го врати Јанески дома!

Управата на Гостивар во само неколку дена успеа речиси да ја комплетира главнината од тимот со кој ќе атакува на добри резултати следната сезона, па денеска прво ја обнови соработката со центарот Александар Штерјов, а набрзо потоа и го ангажира поранешниот репрезентативец, Марјан Јанески.

Двајцата се искусни борци под кошевите кои и тоа како ќе му помогнат на тренерот Марјан Србиновски, кој исто така летово го обнови договорот со гостиварци. Јанески доаѓа од таборот на Куманово, каде што мина осум од последните девет сезони, со исклучок на минатата кога настапуваше во дресот на Работнички. Станува збор за роден гостиварец, кој се враќа во клубот каде што ја почна кариерата во 2006 година кога го носеше името Маврово и кој потпиша двегодишен договор.

Претходно, договорите ги продолжија уште и Александар Костовски, Ивица Димчевски, Ренато Димитриевски, Диме Тасовски и Американецот Малком Армстед.