Само во Македонија: Опстанокот во Првата лига носи премија од дури – 100.000 евра!

Некако во сенка на максимално изедначената битка за самиот врв од табелата, а со тоа и за шампионската титула, во која се наоѓаат дури пет екипи, кошаркарите на Академија ФМП и на Вардар водат грчевита борба за опстанок во елитата, што истовремено е и вистинска „војна“ за „премијата“ која го чека победникот во износ од околу - 100.000 евра.

Овие пари нема директно да завршат на сметка на тимот кој ќе продолжи да игра со најдобрите и во следната сезона, туку тоа е очекуваната разлика помеѓу сумата која ќе го добијат овие два состави за 2021 година според Законот за спортски ваучери. Колку за илустрација, овие два тима годинава, како прволигаши, од државата добија 120.000 односно 100.000 евра, додека просечната „заработка“ според овој закон на тимовите кои играа во понизок ранг се движи помеѓу 10.000 и 20.000 евра.

Разликата евидентно е огромна, поради што воопшто не изненадува мобилизацијата која владее во таборите на Вардар и на Академија ФМП, кои се директни конкуренти во борбата за вториот тим кој ќе испадне од Првата лига, заедно со младинците на МЗТ Скопје УНИ Банка. Двете екипи во моментов, на две кола до крајот на првиот дел од шампионатот, се изедначени со скор 3-13. Потоа, овие три состави, заедно со Пелистер, кој, реално, со учинок 7-9 е речиси стоотстотно сигурен во делот на опстанокот, ќе одиграат уште шест кола во Плејаут-лигата, кои ќе бидат пеколно интересни и возбудливи до самиот крај.

Од таборите на црвено-црните и на „академците“ веќе доаѓаат најави за нови, сериозни странски засилувања, чија главна цел ќе биде да дадат сѐ од себе во трката по „премијата“ од околу 100.000 евра. Според актите на КФМ, преодниот рок во македонската кошарка трае до почетокот од Суперлигата односно Плејаут-лигата, односно до 24 часа пред првите натпревари од овие две натпреварувања.