Самарџиев: Можеби делуваше лесно, но до победата стигнавме со труд и пот!

Фантастичната игра во првите три четвртини на екипата на Еуро Никел ѝ донесе лесна победа над Гостивар (84-75) и пласман во полуфиналето од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“, што дефинитивно донесе радост на лицето на тренерот Горан Самарџиев.

Популарниот Шуш смета дека можеби делува дека лесно стигнале до триумфот, но вистината е дека вложиле голем труд и многу пот за да дојдат до посакуваната цел.

„Долго време се подготвувавме за овој натпревар, бидејќи не игравме заостанати натпревари како Гостивар. Резултатот вели дека натпреварот го добивме лесно, но до тие 30 поени предност што ги имавме (74-44) стигнавме со многу труд и пот. Потрошивме доста сили, но професионалци сме и утре против Работнички ќе излеземе на терен и ќе дадеме максимум. Имавме мал пад во играта бидејќи се опуштивме и мислите веќе ни беа насочени кон полуфиналето. Утре очекувам борба и да се покажеме во најдобро светло“, изјави Самарџиев.

Разбирливо со многу самокритика, своето мислење за натпреварот го изнесе и предводникот на гостиварци, Александар Јончевски.

„Вечерва воопшто не ни одеше шутот од далечина, имавме 1/19 имавме за три поени на крајот на третата четвртина. Потфрливме и во одбраната. Со оглед на скратената ротација, капитенот ни се повреди ден пред натпреварот, не ни можевме да притиснеме нешто повеќе. Овој резултат не е реална слика на натпреварот. Во среда повторно играме со истиот противник, ме плаши тоа дали ќе имаме доволно играчи, но мислам дека подобро ќе одговориме“, изјави Јончевски.

Овие два тима ќе играат и во четвртфиналето од плејофот, но во серија до две победи, која почнува в среда во Кавадарци.