Репрезентативецот Мекиќ стана седмиот кошаркар со трипл-дабл ефект во Македонија

Екипата на Пелистер лесно ги совлада младите кошаркари на МЗТ Скопје УНИ Банка (86-77) во денешниот последен меч од 8. коло, кој ќе остане запаметен по учинокот на репрезентативецот Адем Мекиќ, кој средбата ја заврши со двоцифрен ефект во дури три статистички категории.

Поранешниот „металец“ со тоа стана само седмиот кошаркар во Македонија кому му оспеало вакво трипл-дабл остварување, по Горан Самарџиев, Тони Симиќ, Димитар Караџовски, Горан Главчев, Никола Караколев и Предраг Самарџиски. Мекиќ средбата ја заврши со 21 поен, 12 скока и 11 асистенции, со што беше најдобар кај битолчаните, додека зад него беше Игор Пенов со 18 поени.

Кај „штркчињата“, кои во поголем дел од средбата имаа резултатски приклучок со далеку поискусниот противник најефикасни беа Дарио Митевски со 15 и Ранко Мамузиќ со 14 поени.

Во претходните четири дуели од оваа рунда, Еуро Никел на домашен терен го совлада МЗТ Скопје, Куманово како гостин го изненади Гостивар (85-72), Работнички исто така како гостин го прегази Вардар (103-55) додека Кожув беше подобар од Академија ФМП (87-78).

ТАБЕЛА: Кожув 6-2, Гостивар 6-2, МЗТ Скопје 6-2, Еуро Никел 6-2, Работнички 5-3, Куманово 5-3, Академија ФМП 2-6, Пелистер 3-5, Вардар 1-7, МЗТ Скопје УНИ Банка 0-8.