Екипите на Работнички и на МЗТ Скопје со резервни состави, односно со давање голема шанса на помладите во тимовите дојдоа до убедливи победи во денешните пресметки со Пелистер (95-56) односно со Шкупи (103-63) во првите две средби од 2. коло од Првата лига.

Центарци фуризоно го почнаа мечот, по само десет минути веќе имаа плус 23 (34-11) што беше знак за втурнување во оган на подмладокот од клупата. Дуелот ќе биде запаметен пред сѐ по прволигашкото деби на Андреа Делоски, Андреј Јордановски и Максим Митевски, а голема шанса добија и нешто поискусните Дамјан Крстевски и Славчо Темелковски. Огромната разлика во квалитет му овозможи одмор на ветеранот Димитар Мираковски, а најефикасни беа Марјан Јанески со 22 и Кирил Николовски со 17 поени. Американецот Габриел Билер со 19 поени беше најпрецизен кај битолчани.

Аеродромци имаа уште полесна задача против составот од Чаир, кој се „истепа“ да влезе во елитата во последен час и со кршење на еден куп акти на МКФ, за да дојде со состав со кој дури и во Втората лига би се грижел за опстанок. Тренерот на вицешампионот, Ѓорѓи Кочов ги остави Дамјан Стојановски, Марко Симоновски и Иве Иванов на трибините, додека Американците Медфорд и Вудард воопшто не влегоа во игра.

Големата разлика во квалитет му дозволи на домаќинот да игра со најмладите во составот, Андреј Маслинко тоа најдобро го искористи со 30 поени, 11 скока и по две украдени топки и блокади. Ранко Мамузиќ беше веднаш зад него со 17 поени, додека Леонид Тодоровски и Лука Стојановски реализираа 13 односно 10 поени.

Одличната игра во третата четвртина, која ја добија со 30-19, му ја донесоа првата победа во новата сезона на Кожув во вечерашната пресметка на домашен терен против АВ Охрид (92-81). Нацевски и Пековиќ со по 17 поени беа најефикасни кај гевгеличани, додека Крег Кенет со 19 поени беше најпрецизен кај охриѓани.

Вечерва играат уште и Фени индустри и Блокотехна (19.30 часот) додека колото се затвора утре со мечот помеѓу Куманово и Гостивар (17.45 часот).