Раскинот е спогодбен: Младеновски повеќе не е кошаркар на МЗТ Скопје!

Македонскиот кошаркарски репрезентативец Љубомир Младеновски од денеска повеќе не е член на МЗТ Скопје, откако била постигната заедничка согласност за раскин на договорот со важност и за следната сезона, информираат од таборот на актуелниот шампион.

Високиот центар се врати во Аеродром пред почетокот на минатата сезона по едногодишен престој во Словенија во тимот на Илирија.

„Младеновски изрази желба повторно да се проба во странство, по што управата на клубот реши да му излезе во пресрет односно да не му пречи во обидот да оствари интернационална кариера“, велат од таборот на МЗТ Скопје.

Македонскиот репрезентативец сезонава одигра 16 средби во АБА2-лигата со просек од 4,9 поени и 3,3 скока додека на домашна сцена одигра 31 средба со просек од 7,8 поени и 6,4 скока. Засега нема најави каде високиот центар би ја продолжил кариерата.