Работнички загуби втор судски процес пред ФИБА, ќе мора да плати 15.000 долари (ФОТО)

Најтрофејниот македонски кошаркарски колектив кај нас, екипата на Работнички по наредба на ФИБА ќе мора да му исплати на својот поранешен играч, Американецот Маркус Гинјард, околу 15.000 долари на име на заостанат дел од плата, бонус за шампионската титула, доцнење со исплатата како и за неговите судски трошоци пред кошаркарскиот арбитражен трибунал (БАТ) во Женева.

Станува збор за одлука која е донесена уште на почетокот на септември, но деновиве е и официјализирана на интернет-страницата на Светската кошаркарска федерација (ФИБА). Според пресудата на БАТ, центарци се должни да му платат на еден од творците на шампионското славје предминатата сезона 7.000 долари како бонус, 1.665 долари како дел од заостаната плата и 1.320 долари за надминување на рокот на плаќање. Воедно, црвено-белите од „Градски парк“ ќе треба да му ги рефундираат трошоците за презентирање на случајот во износ од 2.250 евра, кој е 75-отсто од вкупната сума, додека останатите 25-отсто одат на сметка на Гинјард (750 евра). Последна сума на листата за плаќање е таа за адвокатските трошоци на американскиот кошаркар во износ од 3.500 долари.

Информациите од таборот на Работнички велат дека управата на клубот веќе постигнала договор со својот поранешен кошаркар околу темпото на исплата на долгот, поради што овој клуб не е суспендиран како што беше во два наврати во изминативе две години во губењето на сличен спор со српскиот интернационалец, Дарко Чохадаревиќ. Токму наоѓањето заеднички јазик со Американецот е причината поради која црвено-белите можеа да ги регистрираат странските засилувања летово.

Гинјард во дресот на центарци настапуваше во сезоната 2017/18 и одигра 35 средби во домашното првенство со просек од 15,9 поени и 5,1 скок. Во моментов настапува за поранешниот европски првак, Лимож.