Работнички веднаш честита: Горди сме што „наше дете“ стана прв човек на КФСМ!

Новоименуваната Кошаркарска федерација на С. Македонија (КФСМ) денеска го доби својот прв претседател, Перо Антиќ, кој го замени последниот прв човек на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), која денеска замина во историјата.

Честитки на сметка на тројниот европски шампион се редат од огромен број кошаркарски работници не само кај нас туку и пошироко, со оглед на неговата богата меѓународна кариера, а меѓу првите кои јавно изразија задоволство беа од управата на актуелниот првак Работнички. Центарци преку соопштение изразија задоволство што Антиќ во иднина ќе се грижи за развојот на макбаскетот, како кадар кој потекнува од нивниот клуб.

„Работнички му ја честита на Перо Антиќ функцијата претседател на КФСМ и му пожелува многу успех во извршување на своите задачи. Силно веруваме во програмата што тој ја понуди и дека на чело со него, ќе добиеме сите, клубовите, репрезентацијата и кошарката воопшто. Неговите решенија ветуваат развој и издигнување на македонската кошарка на нивото кое го заслужува овој спорт. Освен прогресивните идеи кои ги има нашата спортска икона, уверени сме дека тој, како прв човек на македонската кошаркарска куќа ќе спроведе нормализирање на односите во клубската кошарка и позиционирање на репрезентативната кошарка во високите европски кошаркарски елити.

Со надеж за успешна соработка, уште еднаш го поздравуваме изборот на Перо Антиќ за претседател на КФСМ и ја користиме оваа прилика да истакнеме дека сме особено горди што тој доаѓа од нашите редови односно од школата на Работнички, а бидејќи ги минал сите фази во кошаркарското растење, цврсто сме убедени дека ќе даде максимален придонес за развој на младинските лиги и неговите кошаркарски успеси ќе бидат инспирација за многу млади да почнат да се дружат со баскетот“, се вели во соопштението на тимот од „Градски парк“.

Антиќ денеска немаше противкандидати на Изборното Собрание каде што беше избран без проблеми, откако зад неговата претседателска номинација застанаа 15 клубови од државата.