Кошаркарите на Работнички „врзаа“ четири победи во низа, откако вечерва, со втора „стотка“ лесно и убедливо го прегазија Куманово (119-83), со што дојдоа до 50-отстотен учинок во Првата лига и го продолжија искачувањето кон горниот дел од табелата во елитната конкуренција.

Гостите само го налутија најтрофејниот кошаркарски колектив кај нас со добрата игра во првата четвртина и водството 27-22 на крајот од воведните десет минути. Тоа резултира со 12 поени во низа на стартот од вториот период и серија 32-10 со која црвено-белите речиси експресно од негатива дојдоа до убедлива позитива (54-37). Се останато беше рутинско одработување на задачата од страна на избраниците на тренерот Димитар Мираковски.

Камерон Форте беше убедливо најдобар кај Работнички на мал чекор до трипл-дабл ефект, со оглед што средбата ја заврши со 26 поени, 10 скока и девет асистенции, додека зад него беа Џексон Пол и Никола Малешевиќ со по 19 поени. Терел Ален со 29 поени беше најпрецизен кај кумановци.

Вечерва во склоп на осмата прволигашка рунда силите ќе ги одмерат Гостивар и чаир 2030 односно ТФТ и Феникс, утре играат Академија ФМП и Струмица (18 часот), задутре Пелистер ќе го пречека Кожув, а во вторник МЗТ Скопје ќе му биде домаќин на Еуро Никел.