Работнички со едно засилување и само еден странец ќе проба да ја одбрани титулата!

Без преголема помпа и внимание на јавноста, актуелниот кошаркарски шампион Работнички речиси го оформи комплетниот состав за новата сезона во која ќе влезе само со еден странец, едно засилување и со речиси истиот состав кон дојде до 15-иот трофеј во клупската историја.

Единствено освежување на тимот од „Градски парк“ ќе биде репрезентативниот плејмејкер Бобан Стајиќ, кој дефинитивно реши да ја прифати понудата на Марин Докузовски за во следниот период да го носи дресот на центарци. Црвено-белите беа заинтересирани и за уште еден кошаркар на Куманово, Марјан Јанески, кој, сепак, реши да не се пресели Скопје односно да ја одигра и седмата сезона по ред во прволигашот од најсеверниот македонски град.

Истовремено, разрешени се дилемите околу ветераните Ѓорѓи Чековски (38 год.) и Димитар Мираковски (37 год.), кои според нашите информации најмалку уште една сезона ќе бидат носители на играта на најтрофејниот кошаркарски колектив. Понудата да остане ја прифатил и репрезентативниот крилен центар Бојан Крстевски, а валиден договор со овој клуб имаат уште и Кирил Николовски и Димитар Караџовски, кој во „Градски парк“ дојде во финишот од минатата сезона. Тука се и талентираните Виктор Ефремовски и Дамјан Крстевски, кои се очекува во новата сезона да добијат поголема шанса од тренерот Докузовски, како и уште неколкумина од младинскиот и јуниорскиот тим на центарци, кои беа доминантни во своите категории во минатата сезона.

Според нашите информации, единствен странец во црвено-белиот состав ќе биде Бугаринот Чавдар Костов, кој лани потпиша двегодишен договор со Работнички. Ова се должи на неговиот квалитет, но несомнено и на фактот што 15-кратниот шампион во моментов е блокиран од ФИБА со забрана за регистрација на нови странци се додека не се подмири долгот на нивниот поранешен кошаркар, Дарко Чохадаревиќ. Дури откако ќе го решат овој проблем, Докузовски ќе може да смета на нови интернационални засилувања, кои дури и во најдобрата варијанта сигурно нема да дојдат во „Градски парк“ пред почетокот на Суперлигата.

Поради овие проблеми, шампионот не се пријави во ниту едно меѓународно натпреварување, иако имаше отворена покана да биде дел од АБА2-лигата и од ФИБА Еврокупот. Управата на Работнички се реши, неофицијално, претстојната сезона да ја искористи за стабилизација и зацврстување на клубот, пред сѐ на финансиски план, на кој интенцијата е да се вратат старите долгови кои датираат уште од времето на претходната управа.