Шампионот Работнички остануваат единствен непоразен тим во кошаркарската Прва лига, откако вечерва, по епска борба каква што досега немаше сезонава на некој натпревар, го совлада најлутниот ривал МЗТ Скопје (90-88) и тоа онаму каде што за нив секогаш е најслатко – среде Аеродром.

Фантастичниот шут од далечина односно 16-те постигнати тројки беа клучниот фактор за триумфот на центарци особено што погодуваа со 50-отстотна прецизност. Јунак на вечерта, пак, беше Марјан Јанески, кој одигра животна партија со неверојатни 30 поени и тоа со 6/6 во ударите за три поени.

Пресметката помеѓу најлутите ривали заслужи чиста десетка, првенствено поради возбудливоста и неизвесноста речиси од првиот до последниот момент, но и поради фер и коректната атмосфера без ниту еден инцидент од навивачките групи на двата тима. Центарци подобро го отворија мечот и по само пет минути дојде до двоцифрена позитива (17-7). Но, не ги обесхрабри домашните кошаркари, кои предвидени од расположениот Андрија Бојиќ со серија 11-2 намалија на само еден поен негатива (21-22) пред крајот на првиот период најавувајќи ја неизвесноста која траеше до самиот крај.

Ваквиот однос продолжи сѐ до последната четвртина, со константна иницијатива на Работнички, но без сериозно резултатско одлепување. МЗТ Скопје во решавачките десет минути конечно почна да погодува од далечина, па со тројките на Марко Симоновски (три) и на Дамјан Стојановски во неколку наврати обезбеди минимално водство. Но, на секој налет на „металците“, шампионот имаше против удар, најчесто преку вечерва фантастичниот Јанески, кој ако не торпедираше од далечина тогаш умешно поентираше од под кошот.

По неколку изедначувања, ерупција кај црвено-белиот дел од салата предизвика тројката на како шприцер студениот Димитар Мираковски во моментите кога почна да се раситнува последната минута од натпреварот (89-86). Следуваше неуспешен напад на домаќинот, и идентичен одговор на црвено-белите, оставајќи им 15 секунди на избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов за обид за резултатски пресврт. Тоа не им беше доволно во пенал-завршницата во која шампионот умешно ги издржа нивниот налет.

Покрај фантастичниот Јанески, кај Работнички одлично одигра уште и Чавдар Костов со 20 поени, додека Мираковски постигна 12, а Кирил Николовски 10 поени. Најсветла точка кај МЗТ Скопје беше Бојиќ со 21 поен.

По овој меч, центарци останаа единствени без пораз со скор 5-0 додека аеродромци сега имаат учинок 4-2.