Работнички сакал дербито да се игра во „Борис Трајковски“, ама (им) било - прескапо!

Инцидентот со неуспешното празнење на дел од салата кој донесе и целосен прекин на вчерашниот дуел помеѓу Работнички и МЗТ Скопје, кој и денеска и топ-тема во спортските кругови, можел и да биде спречен ако управата на центарци истраела во намерата средбите, меѓу кои и вечното дерби, да ги играат во „Борис Трајковски.

Неофицијално, челниците на 14-кратниот шампион и самите свесни за инфраструктурните проблеми на својот дом во скопскиот Градски парк (често немање вода, недоволно загревање, прокиснување на кровот) размислувале вториот дел од сезоната вклучувајќи го и вечното дерби, да го одиграат во салата во населбата Карпош. На црвено-белите не им е непознат овој терен, во минатото таму беа и одиграни неколку вечни пресметки, а и оваа сезона избраниците на тренерот Марин Докузовски ја почнаа токму во „Борис Трајковски“ каде што ги играа средбите од ФИБА Еврокупот.

Главен проблем за реализација на ова биле парите. Според нашите информации, сумата која била побарана за само еден натпревар (неофицијално тоа било 3.000 евра) била превисока за моменталните можности на Работнички, со оглед на големиот број домашни средби до крајот на шампионатот. Така, барем засега, пропаднала идејата за преселба на најтрофејниот македонски колектив во објект кој со своето реноме го заслужуваат.

Но, управата на центарци во блиска иднина можеби и присилно ќе мора да го направи овој чекор, со оглед на острите најави од Македонската кошаркарска федерација (МКФ) за сериозно разгледување на опцијата да се стави клуч на салата „Градски парк“. Неделата која доаѓа прво ќе ја донесе одлуката за казна од комесарот за натпреварување, која сигурно нема да биде мала и која, според Пропозициите, сигурно ќе вклучува играње пред празни трибини и тоа на најмалку два натпревари.

А, потоа, ќе дојде и реакцијата од луѓето кои ја предводат македонската кошарка во однос на евентуалното одземање на лиценцата на кошаркарскиот храм на Работнички за одигрување прволигашки средби.