Кошаркарите на Работнички одиграа две дијаметрално различни полувремиња во пресметката со ТФТ, но за среќа за нивната победа со 81-78 пресуди делот од мечот во кој тие беа далеку подобри од ривалот.

Центарци блескаа во воведните два периоди, па уште во првите десет минути дојдоа до огромни плус 17 (22-5) како најава за лесен триумф. Такви беа размислувањата и по втората четвртина, во која црвено-белите дојдоа и до највисоките плус 24 (46-22). Но, настапот со само седум кошаркари донесе замор, а потоа и проблеми во продолжението, кои можеа скапо да ги чинат гостите од „Градски парк“.

Составот од скопската населба Тафталиџе не се предаде ниту на огромната негатива и со серија 18-2 намалија на само два поени негатива (54-56) во финишот од третиот дел од играта. Тоа како да ги подразбуди избраниците на тренерот Димитар Мираковски, кои вратија со серија 10-3 за високи плус девет (66-57), кои потоа умешно ги сочуваа до крајот.

Филип Бундовиќ беше најдобриот поединец кај Работнички со 27 поени, а блескаше и репрезентативниот цнетар Љубомир Младеновски со 14 поени, но и 18 скока и четири блокади. Младиот Страхил Николов со 17 поени беше најефикасен кај домашниот тим.

Со овој триумф, центарци дојдоа до скор 10-5, додека ТФТ има учинок 12-6.