Работнички почна фуриозно: Шампионот со плус 50 го „растури“ АВ Охрид!

Кошаркарите на Работнички со ептен убедлива победа ја почнаа новата сезона во Првата лига, откако попладнево, како гости, буквално го растурија тимот на АВ Охрид со огромни 94-44 (28-14, 15-8, 25-11, 26-11).

Големата разлика во квалитет во корист на гостите се виде уште во првата четвртина по која црвено-белите веќе обезбедија плус 14 (28-14) и најавија дека ќе немаат проблеми во овој дуел. Како одминуваше мечот само се зголемуваше предноста на шампионот, кој настапи без ветеранот Ѓорѓи Чековски кој не беше регистриран за стартот на првенството. Колку бешеголема доминацијата на центарци говори и фактот што охриѓани само една четвртина не загубија со двоцифрена разлика.

Кирил Николовски со 16 поени беше најпрецизен кај Работнички, Чавдар Костов и Виктор Ефремовски реализираа по 12 поени, Бојан Крстевски постигна 11 поени со 10 скока, а Марјан Јанески дебитира со 10 поени. Кевин Хил со 10 поени беше единствениот со двоцифрен поентерски учинок кај АВ Охрид.

Денеска играат уште и Вардар против Куманово, Фени индустри против Пелистер и Гостивар против Кожув. Првата рунда утре ќе ја заокружат Блокотехна и МЗТ Скопје (17.45 часот), а Шкупи е слободен.

ФОТО: Охридњуз