По драматичната победа минатото коло во Битола, екипата на Работнички забележа убедлив триумф овој пат на домашен терен против тимот на ФМП Академија со 88-60. Ова воедно е „одмазда“ за поразот од првиот дел од сезоната кога Работнички загуби од ФМП со 87-83.

Домаќините поведоа уште од стартот на натпреварот и не му дозволија на противникот ниту да се понадева на изненадување. Тимот од „Градски парк“ ги доби сите четвртини, а најубедливи беа во третата која ја доби со 21-12. Најефикасни во победничкиот тим беа Хајден Лескол и Виктор Ефремовски со по 16 поени, додека Данило Мијатовиќ запиша еден помалку.

Инаку, оваа победа Работнички ја посвети на легендарниот Буштур, кој во средата загина во сообраќајна несреќа во скопската населба Кисела Вода. Исто така и пред почетокот на натпреварот имаше едноминутно молчење во чест на својата најголема играчка легенда.

Во драматична завршница, победа извојува и екипата на Кожув, откако на домашен терен славеше против Гостивар со 87-82. Со оваа победа е прекината серијата од четири триумфи на Гостивар, а до неа дојдоа благодарение на последната четвртина која ја добија со 29-22. 

До триумф дојде и екипата на Еуро Никел, откако на домашен терен беше подобра од МЗТ Скопје УНИ Банк со 80-65. Најефикасен на натпреварот беше Ранко Мамузиќ со 28 поени, но сепак недоволни да се избегне пораз од домашниот тим.