Работнички по третпат во три години се најде на „црната листа“ на ФИБА (ФОТО)

Името на најтрофејниот кошаркарски колектив кај нас, екипата на Работнички, неочекувано одново се појави на списокот тимови суспендирани од Светската кошаркарска федерација (ФИБА) поради долгови кон свои сегашни или поранешни играчи.

Тимот од „Градски парк“ ставен на црната листа уште кон средината на март, односно токму во периодот кога беше прекинато македонското првенство поради пандемијата со коронавирусот. На сајтот на ФИБА нема информации зошто е изречена суспензијата на Работнички, кој во минатото загуби два спора пред Кошаркарскиот арбитражен трибунал (БАТ) и тоа од Србинот Дарко Чохадаревиќ и Американецот Маркус Гинјард.

Центарци најголемиот проблем во минатото го имаа со Чохадаревиќ, кој одигра само неколку натпревари во црвено-белиот дрес и кој непријатно ја искористи довербата која ја уживаше кај управата и стручниот штаб на клубот. Србинот успеа да искористи одредени клаузули во договорот и незаслужено, преку БАТ, да наплати 39.000 евра поради кои Работнички во два наврати беше времено суспендиран од ФИБА и тоа во мај 2018 односно август 2019 година. Гинјард, пак, преку арбитражниот орган дојде до околу 15.000 долари, кои македонскиот тим му го должел на име на неисплатена плата и бонус за освоената титула. Составот од „Градски парк“ тогаш брзо дојде до договор со Американецот, поради што не беше блокиран.

Суспензијата од ФИБА значи забрана на ангажирање странски кошаркари, односно на играчи за кои е потребно обезбедување сертификат од државата во која настапувале пред да дојдат во Македонија. Но, со оглед што новата сезона почнува за повеќе од три месеци, сигурно е дека управата на Работнички ќе успее да го реши овој проблем, односно да ја „тргне“ блокадата за да може да се засили онака како што посакува. Екипата предводена од Димитар Мираковски се пријави за настап во АБА2-лигата, за што дефинитивно ќе им требаат квалитетни странски засилувања, кои нема да може да се потпишат ако прво не се реши блокадата од БАТ.