Работнички по само 30 секунди остана и без вториот плеј, но засега - добро се држи!

Кошаркарите на Работнички вториот натпревар од финалната плејоф-серија со МЗТ Скопје го почнаа без повредениот Димитар Мираковски, а малерот да биде поголем веќе во првиот напад останаа и без Димитар Караџовски, кој се повреди во налет кон противничкиот кош.

Овој малер дополнително го намали просторот за маневрирање на тренерот Марин Докузовски, но и покрај тоа неговите кошаркари одиграа одлично во првото полувреме во кое во постојано беа во водство (38-32). Тоа најмногу се должи на фантастичниот шут за тројка во првите 20 минути во кои црвено-белите погодија дури девет тројки (од 21 обид), но и на големиот број загубени топки на противникот (вкупно девет).

Највисокото водство на центарци во воведните два периоди беше плус 10 (21-11) додека гостите од Аеродром само еднаш успеаја да го изедначат резултатот во текот на целото полувреме (27-27).