Работнички остана единствен без пораз и по 25-часовната пресметка со шампионот!

Кошаркарите на Работнички останаа единствен непоразен тим во Првата лига, откако вечерва, вторпат сезонава, излегоа како подобри во вечното дерби против МЗТ Скопје (100-84), во меч кој траеше скоро 25 часа поради немилите сцена на синоќешната прва „клапа“.

Највредното што го има макбаскетот почна вчера, но мораше да заврши денеска по прекинот поради плукање, кој се случи пред крајот на третиот период. Судиите двапати претходно опоменаа, а клучниот трет „жолт картон“ беше за навивачите на гостите, кои според првичната одлука мораа да си заминат од „Градски парк“. Но, полицијата и редарите не успеаа во предвиденото време, поради што средбата мораше да биде прекината и доиграна по 24 часа.

Случувањата на теренот, кои дефинитивно беа во сенка на инцидентот, донесоа интересна кошарка со пресврти. „Металците“ одлично отворија, имаа 9-2 по неколку минути, што, сепак, не ги поколеба црвено-белите во желбата да се реваншираат за неодамнешниот порази во финалето од Купот на Македонија во Кавадарци.

Домаќинот брзо воспостави резултатска рамнотежа, прво достигнувајќи ја негативата, а потоа константно зголемувајќи ја предноста, која пред крајот на првото полувреме стана двоцифрена (45-35). Ваквиот однос на силите остана до моментот на прекинот (62-50), а продолжи и денеска. Избраниците на тренерот Марин Докузовски ја задржаа мотивираноста и покрај еднодневниот принуден одмор и продолжија во ист стил, дури зголемувајќи ја предноста која ја имаа.

На шест минути до крајот на семафорот стоеше 90-69 за Работнички, како потврда на веќе осигурената 19. победа во низа на домашна сцена. Сино-белите до крајот дадоа сѐ од себе да направат некој историски пресврт, но секој нивни напад беше умешно одбиван од четата од „Градски парк“.

Бугарскиот интернационалец Чавдар Костов одигра јуначки за 14-кратниот шампион и средбата ја заврши како најдобар стрелец со 31 поени и девет скока. Маркус Гинјард реализира 22 поени, Димитар Мираковски 16, Бојан Крстевски 12, а Расел Робинсон 10 поени. Кај МЗТ Скопје најпрецизен беше Џордон Крафорд со 24 поени, Ѓорѓе Мајсторовиќ постигна 17 поени, Дамјан Стојановски 12, Јуре Лалиќ 11, а Марко Симоновски 10 поени.