Работнички добива 500.000 евра за да ја врати титулата во „Градски парк“!

Најтрофејниот кошаркарски колектив кај нас, екипата на Работнички, ќе добие околу половина милион евра од буџетот на општина Центар за следната година, пишува порталот „Сакам да кажам“, со кои ќе проба да стави крај на шестогодишната доминација на најголемиот ривал МЗТ Скопје и да го врати шампионскиот пехар во „Градски парк“.

Ова е речиси двојно поголема сума од таа што локалната власт ја издвоила за годината кога изминува, што на навивачите на овој тим им дава надеж дека црвено-белите конечно ќе може да им ја донесат толку посакувана 15. титула. „Центарци“ досега издвојувале околу 300.000 евра, што според новиот градоначалник, Саша Богдановиќ, инаку долгогодишен член на навивачката група „Сити парк бојс“, не била доволна за да се оствари посакуваната цел.

„За Работнички годинава даваме малку повеќе пари. Ќе го помагаме клубот додека застане на нозе односно додека добие спонзор, на што се работи“, вели Богдановиќ за „СДК“.

Екипата од „Градски парк“ последен пат беше шампион во веќе далечната 2009 година кога во финалето со 4-2 го совлада тимот на Фени индустри. Во следните осум првенства најтрофејниот тим уште двапати дојде до финалето од плејофот, каде што по еднаш загуби од кавадарчани (2011 година) и од МЗТ Скопје (2014 год.).

Работнички во моментов доминира во Првата лига со максимален скор од десет победи во исто толку натпревари.