Работнички: Не сме воделе сериозни преговори за продажба на клубот!

Веста за можниот влез на американски бизнисмени во Работнички веднаш предизвика немир, а со тоа и реакција од челниците на овој клуб, кои испратија допис во јавноста дека досега не се водени било какви „сериозни преговори“ со потенцијален нов сопственик на клубот.

Ова доаѓа по информацијата, која за „Спорт1“ беше потврдена од повеќе извори во и надвор од земјата, па дури и од луѓе од самиот клуб, дека извесен Крис Грант бил сериозно заинтересиран да дојде до контролниот пакет акции во најтрофејниот кошаркарски колектив кај нас.

„До моментов, КК Работнички нема започнато сериозни преговори со потенцијален нов сопственик на клубот. Доколку постојат иницијативи и предлози за нов сопственик кој ќе ја подобри состојбата и резултатите на нашиот клуб сериозни ќе ги разгледаме и за се ќе ве информираме“, се вели во соопштението од „Градски парк“.

Клубот од „Градски парк“ во моментов е во стоотстотна сопственост на општина Центар, која воедно е главниот финансиер. Тренер на екипата на Димитар Мираковски, шеф на стручен штаб е Марин Докузовски, директор Ненад Павловски, додека последниот збор го има градоначалникот Саша Богдановиќ.